По успесите во европските купови, двата италијански претставвници Фиорентина и Рома одиграа одличен натпревар во 28. коло на Серија А. Дуелот заврши 2-2 (1-0), а со ремито позадоволни може да бидат гостите од Рим. Домашните навивачи останаа крајно разочарани, затоа што нивниот тим имаше промашен пенал за 3-1 и водство сѐ до 95. минута, но во последните секунди доживеаја голем шок.
„Виолетовите“ подобро го отворија дуелот и рано дојдоа во водство преку Лука Раниери, кој беше прецизен во 18. минута. Рома се обиде да возврати до истекот на првите 45 минути, но сепак без успех.
Второто полувреме донесе возбудувања за гледачите на „Артемио Франки“, но радоста на крај им припадна на гостинските навивачи. „Виолетовите“ играа добро и офанзвно и покрај израмнувачкиот гол на Хусеин Ауар во 54. минута, и во продолжение создадоа неколку одлични шанси, а првата ја искористи Роландо Мандрагора и повторно донесе предност за домаќините.
Малку подоцна Фиорентина доби и пенал, но одличниот Миле Свилар уште еднаш покажа дека е мајстор за пенали и го одбрани ударот на Бираги.
Римјаните беа блиску до нов пораз, кога на сцена стапи дефанзивецот Диего Љоренте. Стоперот со прекрасен удар во 95. минута го матира Терачано и обезбеди голем бод за Рома, која фати залет во трката за пласман во евро-куповите. Дуелот заврши 2-2 и тимот на Даниеле Де Роси успеа да остане непоразен на тешкото гостување во Фиренца.
Рома останува на петтата позиција со 48 бодови, додека Фиорентина е три места подолу, со 43 бода на своето салдо.