Денес во 18 часот Македонија за втор пат ќе настапи на Европско првенство во одбојка. Нашите стари должници од претходното европско Финците се противник по мерка за освојување на првите бодови во групата.
„Не е подобра репрезентација од нас, но се ќе зависи од нашата верба, храброст и зрелост. Го прегледав првиот натпревар со нив и навистина загубивме на ситни работи, а во нашата игра има можност за напредок уште 20 или 30 проценти. Доколку успееме да се подобриме за 10, мислам дека ќе ги победиме“, убеден е капитенот на македонскатаодбојкарска репрезентација Никола Ѓорѓиев.
Иако финскиот селектор Џоел Бенкс промени седуммина од таа пресметка, на теренот главно ќе решаваат исти одбојкари. Отсуството на примачот Силтала може да значи нивна несигурнот токму во тие еден до два решавачки поена во сетовите. Но ние ќе бидеме вистински само ако се насочиме кон себе, а со тоа да го покажеме најдоброто македонско.
„Прво што мора е да веруваме во себе, да бидеме храбри и зрели и да издржиме на нивната игра. Јас знам како тие ќе играат, ќе ни ја даваат топката и ќе направат малку неизнудени грешки. Тука треба да бидеме луцидни и зрели и да бидеме храбри. Не смееме да играме женска одбојка,туку мораме да ги нападнеме уште од првиот здив и веднаш да им најавиме дека дојдовме тука за да ги победиме, нешто слично како што направивме со Белорусија, со Словенија, со Турција во вториот натпревар во јануари во Скопје. Исто така, многу работи ќе зависат од одбраната, а тие играат многу добра одбрана, па ние ќе треба бидеме трпеливи и да ја градиме играта. Не мора секогаш да завршуваме од прва, ќе се играат долги поени. Трет фактор ќе биде нашиот сервис, а мислам дека во овој елемент имаме голем напредок во однос на Европската лига и тоа ќе го покажеме на овие натпревари, така што ќе си овозможиме полесни поени од нашиот блок, или, пак, блок-одбрана напад, а зоштода не и директни асови“, вели Ѓорѓиев.