Македонскиот дијамант Елиф Елмас сезонава блеска во дресот на Наполи , па синоќа го изрезили и Жорди Алба и асистираше во ремито со Барселона на „Камп Ноу“. Докажа дека колку повеќе доверба има од Лучано Спалети, толку подобро игра.
Елмас за две ипол години собра веќе над 100 меча во дресот на Наполитанците, сезонава има шест гола и шест асистенции во сите натпреварувања. Го реши Милан во дерби за титулата, со Наполи е во игра за „скудетото“, атакува и на европски трофеј… И не е ни чудо што Наполи веќе подготвува нов договор, што низа европски гиганти сакаат да го земат, ама и што е ептен високо проценет на фудбалскиот пазар.
„Јас во Неапол сум повеќе од две и пол години, веќе одиграв многу мечеви и Наполи е еден од најголемите клубови во Италија, а целта е да победуваме, да освојуваме трофеи. И сето тоа искуство многу ми помогна да се развијам и како човек и како фудбалер, а секој меч за мене е многу важен за да напредувам и сето тоа со помош на тренерите, и со играчите. Многу сум среќен во Наполи, се надевам дека ќе останам тука уште многу години“, вели Елмас.
Посебна мотивација е настапот на стадионот „Диего Армандо Марадона“, во градот каде страста за фудбалот е посебна.
„Искрено, само кога ќе чуете како се скандира на стадионот во Неапол „Диего Армандо Марадона„ ништо потоа не треба да додадете. Посебни емоции се кога играте на него било во Серија А или во Лига Европа. Нешто прекрасно, фантастично. Посебно кога ќе ги видите сите тие луѓе кои со толку многу емоции и љубов кон клубот доаѓаат на стадионот. Самото име на стадионот, кај секого буди посебна емоција, зашто сите знаеме каква фудбалска легенда беше Марадона. И него секогаш ќе го сакаат и ќе се сеќаваат во Неапол, ама и во светот“, додава Елмас.
Карло Анчелоти го донесе во Наполи, но не траеше долго соработката, па Џенаро Гатузо немаше преголема доверба, сѐ до доаѓањето на Лучано Спалети, кој од прв тренинг на сите им предочи – имам(е) дијамант во Елмас!
„Јас можам да кажам дека од сите тренери учев, почнав со Анчелоти, човек со многу искуство, тренер кој освоил се. Можеби од него и најмногу научив, прекрасен тренер за кого кариерата сѐ кажува. Во Гатузо сретнав поинаква личност, од тактички и човечки аспект, со поинаков стил. За мене работите беа перфектни, освоивме и еден трофеј во Купот на Италија. Спалети, пак, е човек кој ми дава огромна самодоверба. И мислам дека му враќам со некои одлични настапи. Целта е да продолжиме вака, но и да има уште поголем напредок“, потенцира Елмас