Сите погледи вечерва ќе бидат насочени кон  големото дерби меѓу Атлетико Мадрид и Манчестер јунајтед, кои имаат ужасни сезони во домашните шампионати, па бараат спас во елитното натпреварување.

Атлетико под водство на Диего Симеоне стана еден од најредовните учесници во завршницата на елитата и еден од фаворитите за титулата, која никогаш не успеа да ја освои. Од друга страна, Манчестер јунајтед никако не успеа да се соземе од заминувањето на Алекс Фергусон, па во моментов е далеку од борбата за трофеите во Премиерлигата и ЛШ.

Ждрепката за осминафиналето беше немилосрдна за двата гиганти, па еден од нив мора да се збогува од турнирот уште на почетокот на нокаут-фазата.

И Атлетико и Јунајтед имаат лоши сезони во првенствата, каде што бодовната разлика е двоцифрена зад лидерите на табелата, па во елитното натпреварување го гледаат единствениот спас на сезоната.

Тимот на Симеоне минатата сезона во Шпанија профитираше од кризата и заврши пред ривалите Реал Мадрид и Барселона, но оваа сезона тие се мачат да останат во топ-4 и да обезбедат пласман во ЛШ за следната сезона.

Манчестер јунајтед е во полоша форма и ситуација, а во групната фаза на ЛШ беа добри благодарение на Кристијано Роналдо, кој ќе се обиде уште еднаш да го расплаче ривалот од „Ванда Метрополитано“.

.

Можеби единствени светли точки на титаните се голманите, Јан Облак од едната и Давид де Хеа од другата страна. Словенечкиот голман, меѓутоа, прима повеќе голови од вообичаено, а за одбраната на „ѓаволите“ постојано пристигнуваат критики поради Хари Мегваер и неговите необични потези на теренот.

Симеоне смета дека „ѓаволите“ се еден од најдобрите тимови во светот, но ќе се обидат да ги искористат нивните слабости.Рангник оди по добар резултат на „Ванда Метрополитано“, а пред новинарите кажа дека Роналдо не може сам на теренот и ќе му треба помош од соиграчите.

 

Потенцијални состави:

Атлетико Мадрид: Облак, Врсаљко, Филипе, Савиќ, Реинилдо, Кондогбија, Ерера, Љоренте, Кореа, Гризман и Суарез.

Манчестер јунајтед: Де Хеа, Далот, Варан, Мегваер, Шо, Фред, Мектоминеј, Погба, Фернандеш, Санчо и Роналдо.

Во вториот осминафинален натпревар ќе се соочат Бенфика и Ајакс, кои се помалку атрактивни тимови од останатите, но во претходните години ни покажаа дека знаат да направат изненадување.

Ајакс на 33 меча во сите натпреварувања постигна неверојатни 108 голови, додека прими само 14, додека Бенфика е во страшни проблеми бидејќи ја загуби шампионската трка и во моментов има дури 12 бодови зад незапирливиот Порто.