Јарослав Ракицки, украинскиот фудбалер на руски Зенит од Санкт Петербург, на Инстаграм се огласи за ситуацијата во Украина. „Јас сум Украинец! Мир на Украина! Стоп за војната!“ напиша во соопштението 32-годишниот одбранбен играч.
Сепак, неговите сонародници не беа воодушевени од објавата. „Сега се јавуваш, а руската инвазија трае веќе осум години, Доњецк живее вака веќе осум години“, „Тешко им е на Украинците да ве сфатат сериозно кога сте на платата на Зенит и Гаспром за последните неколку години“, „Ебати патриотот.“ се дел од коментарите на револтираните Украинци.
Имено, Ракицки речиси целата своја кариера ја мина во Шахтјор Доњецк. Кога започна војната во Донбас, Ракицки беше под голем притисок од украинската јавност бидејќи одби да ја пее химната на репрезентативните натпревари. Трансферот во Зенит го направи во 2019 година, кога кај Украинците доби статус на предавник, а потоа повеќе не беше повикан во репрезентацијата.