Кошаркарите на Босна и Херцеговина сепак ќе мора да го одиграат квалификацискиот натпревар за Светското кошаркарско првенство против Литванија.
Иако најавија дека нема да патуваат, ситуацијата се менува, бидејќи ФИБА одби да го одложи натпреварот.
Во петокот, генералниот секретар на ЦК БиХ, Амер Колан, рече дека ставот на Сојузот е да не се патува.
„Цел ден ја проценувавме ситуацијата и дојдовме до заклучок дека ова не е моментот кога репрезентацијата треба да патува во ризично подрачје. Тоа е ставот на Кошаркарскиот сојуз на БиХ, стручниот штаб и играчите. Границите со Русија и Белорусија , кои се вклучени во конфликтот во Украина се ризични и добивме информација преку дипломатски канали за прогласување на вонредна состојба во Литванија. Затоа, никој не може да не убеди дека не сме донеле правилна одлука. Не знаеме какви последици ќе трпиме од ФИБА , но за нас во овој момент поважна е безбедноста на стручниот штаб и кошаркарите“, изјави Колан.
Сепак, бидејќи ФИБА се закани со казни и исфрлање на БиХ од квалификациите, одлуката беше променета.
Кошаркарите кои беа на собирот во Сараево, сепак ќе тргнат и ќе го одиграат натпреварот закажан за в недела од 20 часот и 30 минути.