Црногорскиот одбојкар Рајко Стругар е еден од спортистите кои поради војната во Украина мораа да ја напуштат својата татковина. Стругар на речиси неверојатен начин побегнал од градот Полтава, кој се наоѓа меѓу Киев и Харков. Својата приказна ја раскажа за Montenegrin News.
Стругар и соиграчите беа фатени во војната, се зборуваше, вели, дека нема да има напад, но сепак тоа се случи и сите мораа да се засолнат. Барале помош и начин да избегаат од земјава, но никој не сакал да им помогне. Откако видел дека наскоро нема да ја напушти државата така, Стругар решил да го украде клупскиот минибус.
„Пред зградата беше паркиран клупски минибус, беше таму 4-5 дена, никој не го користеше. Две вечери во подрумот правев мапи, му реков на соиграчот, Белорусинот Кирил Кршневски „Одам со минибус, со или без тебе и не се враќам назад. Беше скептичен, но во саботата рано наутро, кога се разбудив, беше подготвен. Го стартувавме возилото и тргнавме“, рече Стругар.
Во меѓувреме, клупските челници ги пријавиле и за кражба на автобус. Полицијата ќе ги запреше доколку ги најдеше на патот додека се движеа кон границата со Молдавија. На патот наишле на бројни препреки, некои патишта не биле проодни, па возеле по заобиколен пат.
Меѓутоа, на 200 километри од границата, полицијата ги запрела и ги натерала да го напуштат минибусот. Продолжиле со автостоп до границата. Близу до границата го чекал неговиот татко.
Се сретнавме на околу 50 километри од границата на украинска територија, јас и моите соиграчи го сменивме третото возило и конечно стигнавме во безбедната зона. Можеби во последен момент, бидејќи слушнав дека граничниот премин е буквално затрупан“, рече Стругар.