Меѓународната велосипедска унија (UCI) во петокот му дозволи на Павел Сиваков (24) да го промени своето државјанство од руско во француско, објави неговиот тим INEOS Grenadiers.
Сиваков е роден во Италија, но на една година се преселил во Франција со родителите, исто така велосипедисти.
„Франција е земја во која пораснав, каде што се образував и каде што се заљубив во велосипедизмот, што ме доведе до трките. Ја сметам за мој дом“, рече Сиваков, додавајќи дека руската инвазија на Украина доведе до забрзување на неговата промена на државјанство:
„Веќе некое време сакав да станам француски државјанин и имајќи го предвид она што сега се случува во Украина, тоа ме натера да го забрзам процесот. Сите мои мисли се со украинскиот народ. Како и повеќето луѓе во светот, се надевам за мир и крај на страдањата во Украина“, додаде Сиваков.
Сиваков на 22-годишна возраст го заврши Џиро д’Италија на деветтото место, а иако тоа го нема потврдено со резултатите во последните две години, тој важи за еден од најголемите таленти на неговата генерација кога е во прашање велосипедизмот.