Ако Наполи покрај сите свои главни адути од Осимен, Инсиње, Зиелински, Руиз се надева дека Елмас повторно може да одигра клучна улога, овојпат и во Милан стравуваат од македонскиот репрезентативец кој сезонава многупати се покажа како еден од клучните фигури на Лучано Спалети, без оглед дали ќе тргне како стартер или ќе влезе како „резерва“, како што беше во Рим против Лацио, кога со асистенција и со акцијата што ја започна за голот за победа.
Тренерот на Наполи, Спалети кој од првиот ден има таква голема доверба во Елмас, уште еднаш го испофали фудбалерот за врска, порачувајќи и на цела италијанска јавност дека „си има работа“ со многу интелигентен фудбалер.
„Кога зборуваме за Елмас, зборуваме за офанзивен фудбалер за врска, кој може да биде и ‘скриен напаѓач’, фудбалер кој е одлучен кога ќе дојде во шеснаесетникот. И тој е многу интелигентно момче, кој сѐ разбира и убавината е што сето тоа што го разбира, никогаш и не го заборава. Пред него е голема иднина“, рече Спалети.
Македонскиот репрезентативец сезонава, која е трета за него откако во летото 2019 година дојде од Фенербахче, го игра најдобриот фудбал на Апенините.