Ненад Димитријевиќ одигра брилијантен натпревар во големата победа на Валенсија над каталонскиот гигант Барселона (86-76), во рамките од 21. коло на шпанскиот кошаркарски шампионат.
Македонскиот репрезентативец во вистински момент го одигра можеби најдобриот натпревар оваа сезона во дресот на новиот клуб. Покрај тоа што постигна 16 поени и беше втор стрелец на Валенсија, одлично го разигруваше тимот со седум асистенции, а забележа и четири скока. Попрецизен од него беше само словенечкиот кошаркар Тобеј со 17 поени, а солиден во таборот на победничкиот тим беше и Риверо со 14 поени.
Кај Барселона најрасположен беше Миротиќ со 14 поени, а двоцифрени беа уште Дејвис со 13 и Ексум со 11 поени.
Со оваа победа Валенсија се искачи на четвртата позиција на табелата со една победа помалку од Манреса, но и натпревар помалку, додека Барса останува втора со 15 победи и четири порази.
https://www.youtube.com/watch?time_continue=39&v=W9_y0oMxc2Q&feature=emb_logo