Според официјалната информација од ФИБА, во овој прв круг од олимпискиот „пекол“ ќе се најдат 40 репрезентации од целиот свет. Меѓу нив ќе бидат 28 национални тимови кои не се пласираа на годинешниот Мундобаскет, како и 12 најдобри селекции од тие што не обезбедија место во втората фаза од светските квалификации, меѓу кои е и македонската репрезентација. Во оваа група, претставници на Европа освен Македонија ќе бидат и Полска и Португалија, заедно со Мали (Африка), Чиле, Куба и Девствените Острови (Америка), Кинески Тајпеј, Индонезија, Кореја и Сирија (Азија).
Планот е да се одржат пет турнири на пет различни места во светот, на кои ќе настапат по осум национални тимови, поделени во две групи. Петте победници ќе добијат промоција во квалификациите за ЛОИ 2024. За Македонија ова е втора шанса да дојде до место на олимписки турнир, по настапот во квалификациите за ЛОИ 2012 во Лондон, кога во Венецуела загубивме во четврт-финалето против Доминиканска република.