Еурофарм Пелистер го потврди второто место во групата Д од Лигата на Европа, откако во Битола го совлада грчки АЕК со 30-19(10-8). Одличниот Мартон Секељ и гранитната одбрана на битолчани ги надоместија сите проблеми во нападот и на уверлив начин ја продолжуваат европската авантура оваа сезона.
„Фармацевтите“ во убавиот амбиент пред полната сала „Боро Чурлевски“ во Битола одиграа тврд натпревар и ја наметнаа својата игра од самиот почеток. Во првиот дел се чувствуваше отсуството на моторот на екипата Јосип Периќ, што особено се одрази на играта во нападот на македонскиот претставник. Грчкиот претставник, кој во Битола ја доби поддршката и од своите навивачи, го следеше противникот во чекор во првото полувреме. Затоа во вториот дел се распадна играта на гостинскиот тим, а Еурофарм Пелистер знаеше како да казни.
Почетните триесет минути им припаднаа на одбраните и голманите на двете екипи. После десет минути екипите беа изедначени на по три погодоци. Пелистер својата шанса за прво водство од два разлика ја имаше во 14. минута, но Маркоски не реазлираше од чиста позиција, а одличната интервенција на голманот на АЕК ги врати гостите во егал, Хименез повторно го изедначи резултатот на 4-4.
Во исто темпо продолжи и средината на првиот дел. Одличната одбрана на домашните ракометари немаше соодветен одговор во нападот, па затоа противничкиот голман Буковинас на средина на полувремете веќе имаше седум одбранети удари, а АЕК гол негатива.
Унгарскиот репрезентативец Мартон Секељ продолжи да блеска на голот, а одличниот период за домашниот голман им овозможи на битолчани да го создадат највисокото водство на натпреварот. Табоада го запиша вториот гол за највисоки 7-4 и тајм аут за клупата на АЕК.
После тајм аутот, Пелистер немаше концентрација за да ја продолжи одличната игра, нападот немаше свежа идеја, а токму тој период и избрзаните удари го вратија грчкиот претставник на гол негатива. Затоа пак македонскиот претставник продолжи со добрата игра во одбраната и тоа беше причината што АЕК не успеа комплетно да се врати во игра на овој дуел. АЕК не го искористи својот напад, а Маџовски откако во претходниот напад ја погоди пречката, беше прецизен од истата позиција во следниот напад.
Гранитната одбрана на пелистерци во последната минута го принудија противникот на грешка, а празниот гол го погоди Божик Павлетиќ за враќање на највисоките три голови разлика. Во последните секунди од првото полувреме Лемос ги постави конечните 10-8.
После десетминутната пауза двете екипи второто полувреме го продолжија со исто темпо. Лемос го постигна првиот гол во продолжението на натпреварот, но Пелистер преку Граџан и Мандалиниќ го врати највисокото водство на овој дуел. Унгарскиот голман во „зелено-белиот“ дрес продолжи со одличната игра, па домашните ракометари имаа шанса и за четири голови.
Но највисокото водство Пелистер го постави во седмата минута кога започна одличната серија на домашните ракометари. По одбранетиот седмерец на Марко Кизиќ, Божиќ Павлетиќ погоди за „плус четири“, а во следниот напад Табоада успеа да украде топка од противникот и Граџан да постигне гол, Секељ повторно одбрани обид за шут од далечина на противникот, а Божиќ Павлетиќ да донесе „плус шест“,16-10 на истекот на четириесетата минута.
Табоада во 12. минута ги постави највисоките седум голови предност за домашните ракометари за 17-10 и стави точка на надежите на гостинската екипа. Натпреварот продолжи во исто темпо.
Во средината на вториот дел грчкиот претставник врза два погодока, но расположениот Табоада и Обрадовиќ лесно ја минуваа грчката одбрана и го одржуваа Пелистер на предност од 5-6 голови. Во 18. минута Мандалиниќ го врати индиспонираниот противник во „длабока негатива“ од седум голови.
Ако во првиот дел АЕК доби свежина и нова сила по минута пауза, во вториот дел тајм-аутот на грчката клупата не донесе ништо во играта на гостите. Еурофарм Пелистер продолжи со својата игра, а разликата се одржуваше на 6-7 голови и во послендите десет минути од натпреварот.
Во рутинирана завршница, кога играта на АЕК веќе се распадна, расположениот Табоада и Мандалиниќ ги забележаа највисоките девет голови предност за Еурофарм Пелистер, на пет минути до крај на натпреварот. Елмир Граџан во 57. минута донесе двоцифрена предност за својот тим, 27-17, а Радовиќ на минута пред крај и највисоките „плус единаесет“ на натпреварот 29-18. До крај на натпреварот Лемос и Божиќ Павлетиќ постигнаа по еден гол за конечни 30-19.
Мартон Секељ го заврши натпреварот со 15 интервенции и три одбранети седмерци и беше еден од клучните ракометари за високата победа на Еурофарм Пелистер.
Со оваа победа Еурофарм Пелистер го потврди второто место во група Д од ЕХФ Лига Европа, а грчкиот претставник ја завршува европската одисеја како петтопласиран.