Шпанскиот фудбалски тренер Роберто Морено беше отпуштен во Гранада на почетокот на оваа недела по серијата лоши резултати. Морено ја предводеше Гранада 29 натпревари, што е најдолг тренерски мандат во неговата кариера. Немаше да биде вест доколку Морено повторно не земеше огромна отпремнина, што го прави најскапиот тренер во светот ако го погледнете соодносот плата-резултати на екипата што тој ја водеше.
Покрај тоа што е најскап, Морено е и еден од најнепрофитабилните тренери во светот. Неговата Гранада игра лошо и моментално се бори за опстанок во шпанската Ла Лига. Ништо подобро не го водеше Монако, каде беше од декември 2019 до јули 2020 година. Поради паузата во првенството предизвикана од пандемијата на коронавирус, Морено го предводеше Монако на само 13 натпревари. Ќе погодите, сосема неуспешно, и затоа и таму доби отказ.
Пред клупските ангажмани, 44-годишниот Морено накратко ја водеше шпанската репрезентација во која од асистент дојде на селекторската позиција. Во биографијата има десет натпревари како селектор на Шпанија. Тој си замина кога тимот го презеде Луис Енрике. Пред тоа беше помошник на Енрике во Барселона, Селти Виго и Рома.
Морено заработи мало богатство од обештетувањето. Според El Confidential, неговото заминување од шпанската репрезентација ја чинеше шпанската федерација 500 илјади евра. Отказот на Морено во Монако беше огромен трошок за клубот и го чинеше 6,7 милиони евра, пишува шпанскиот весник Ас. Магазинот Форбс пишува дека би требало да добие значителна отштета и од Гранада. Така неговите приходи ќе се приближат до 10 милиони евра.