Џанлуиџи Донарума според многумина беше најголемиот виновник за елиминацијата на Пари Сен Жермен од Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Нему му се замерува грешката на голот со која Реал израмни на 1:1 и започна пресврт, а таа ситуација доведе до конфликт во соблекувалната на ПСЖ. Италијанскиот голман последните два дена минува низ тешки моменти, а сега се огласи на социјалните мрежи.
L’Equipe го нарече погребник на ПСЖ, Нејмар го повика на пресметка по натпреварот, а навивачите го осудија за непромисленоста што го доведе Реал до шанса да израмни, а подоцна и да победи. Карим Бензема ја искористи таа можност, а потоа додаде уште два гола за победа на Реал од 3:1 и пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
„Испаѓањето од Лигата на шампионите беше удар. Последните два дена не беа лесни, но од такви моменти можеме да излеземе посилни. Мора да се свртиме кон сегашноста, да ја освоиме Лига 1. Ќе дадам се од себе за овој дрес, како што правев секогаш за овој клуб и нашите навивачи. Да почнеме од почеток, заедно. Напред Париз“, изјави Донарума на Инстаграм.