Ракометарите на Вардар 1961 ја оправдаа фаворитската улога и го совладаа Тиквеш 2014 (33-23) на патот до уште еден завршен турнир во Купот на Македонија. Избраниците на Давид Дејвис имаа мали проблеми во првиот дел, но потоа заиграа на очекувано ниво и на крај рутински ја обезбедија победата. Иако во Скопје дојдоа само со дванаесет ракометари, кавадарчани едно полувреме го намачија бранителот на трофејот.
Кавадарчани имаа солиден настап во воведното полувреме. На моменти го контролираа резултатот и одржуваа предност од два гола разлика. Пред самата пауза, „црвено-црните“ се разиграа и направија пресврт. Негативата ја претворија во минимална позитива од 15-14 по првиот дел во СЦ „Јане Сандански“.
Следуваше клучниот период од мечот, на кој домашниот тим се одлепи и си обезбеди мирна завршница. Тиквеш не можеше да го издржи налетот на Вардар и го „положи оружјето“ во раната фаза од вториот дел. Оливие Њокас и Тимур Дибиров беа најрасположени за игра кај македонскиот првак. Руското крило заврши со седум, а Французинот се надоврза со шест реализации.
Претходно Бутел Скопје обезбеди место меѓу најдобрите четири во Купот, а последните два учесници ќе бидат познати за време на викендот. Завршниот турнир е закажан за 14 и 15 мај.