Пари Сен Жермен, пет дена после болната елиминација од Реал Мадрид во Лигата на шампионите се врати на победничкиот колосек за да го продолжи сигурниот чекор кон нова титула во Лига 1, но вистински хаос и незадоволство има во Париз кај навивачите кои ѕвездениот тим освен Килијан Мбапе го дочекаа со – жестоки свирежи.
ПСЖ попладнево без многу мака го победи Бордо со 3-0 за 20-та сезонска победа со која разликата од втората Ница е убедливи 15 бодови и на десет кола до крајот јасно е дека ќе бидат шампиони. Само слаба утеха е новата шампионска титула која ќе се врати на „Паркот на принцовите“, откако лани ја загубија во трката со Лил, зашто и оваа сезона недофатлив е сонот за европската титула, а после силните вложувања и купувањето на ѕвезди ефектот останува премал за гигантот.
Меси, Нејмар и останатите денеска жестоко беа исвиркани од навивачите, само Мбапе доби аплаузи, па младата француска ѕвезда и го отвори мечот во 24-та минута со гол за водство на асистенција на Џорџино Вајналдум. Нејмар, кој е под најсилни критики дека е „манекен“ и се бара негово бркање од клубот, погоди за дуплирање на предноста во 52-та минута на асистенција на Ашраф Хакими, а Леандро Паредес стави точка со голот во 61-та минута.
Бордо со новиот пораз останува последен на табелата со 22 бода, како и претпоследниот Мец, но шансите за опстанок не се загубени, поради достижните минус четири од првиот над опасната зона Сент Етјен.