Репрезентацијата на Еквадор е сосема блиску до пласман на СП во Катар. Со ремито 1:1 на гостувањето кај Перу во квалификациите во КОНМЕБОЛ зоната, Еквадорците останаа на третото место на табелата зад лидерот Бразил и второпласираната Аргентина, а до крајот на квалификациите остануваат уште две кола.
Естрада ги доведе Еквадорците во водство во 2. минута, а Перу спаси бод преку Флорес во 69. минута.
Еквадор има 25 бода, три повеќе од четвртиот Уругвај. Токму првите четири репрезентации ќе одат директно на СП, додека петопласираниот оди во бараж. А петтото место моментално го држи Перу. Изненадувачки, селекцијата на Чиле е надвор од оваа група.
Чиле ќе мора многу да запне во последните две кола ако сака да избори место на Мундијалот. Првиот чекор го направи утринава со победата над Боливија во гости со 3:2. Алексис Санчез постигна два гола во триумфот на Чилеанците со пресврт, благодарение на два погодоци во финишот на мечот. Наредните две кола Чиле ќе игра со Бразил и Уругвај.
Уругвај славеше над аутсајдерот Венецуела со 4:1, а Бразил со 4:0 го совлада Парагвај.
Аргентина ја победи Колумбија со 1:0 со гол на Лаутаро Мартинез во првото полувреме. Колумбија пет кола по ред нема триумф, а поразот од Аргентина дополнително ги оддалечи од Топ 5. Има 17 бода, четири помалку од петтото место кое води во баражот, а шест од четвртото место. Колумбија до крајот ќе игра со Боливија и Венецуела и ќе мора тие два меча да ги добие и притоа да чека киксови на нивните конкуренти.