Стипе Биук од вечерва повеќе не е играч на Хајдук! По 67 официјални настапи во дресот на Хајдук, 20-годишниот крилен напаѓач го напушти Пољуд за да премине во редовите на американскиот клуб Лос Анџелес , реализирајќи еден од најголемите трансфери во историјата на клубот.
Како капитен и еден од најталентираните играчи на својата генерација го предводеше „белиот“ јуниорски тим, кој во 2021 година ја освои првата јуниорска титула по девет години. Своето деби за првиот тим го имаше во март 2021 година на куп-натпревар против Загреб.
-Би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе во клубот, на сите тренери кои ме тренираа цело ова време, на претседателот и на управата кои застанаа зад мене во секое време. Ќе продолжам да бидам навивач на Хајдук. Сигурно ќе носам убави спомени од тука, јуниорското првенство, освоениот Куп, пречекот на Рива, а јас бев капитен на два меча и тоа ќе го паметам до крајот на животот. Би сакал да им се заблагодарам на сите мои соиграчи и навивачи кои беа секогаш покрај нас – емотивен беше Стипе кога се збогуваше со својот Хајдук.
Првиот гол за „белите“ го постигна во победата од 3:2 против Риека на почетокот на мај минатата година. Официјално дресот на Хајдук последен пат го облече на првенствениот меч против Славен Белупо, а на пријателските против Шалке 04 и Оксер ја носеше и капитенската лента.
– Сигурен сум дека тоа е чест. Тоа е сон на секој играч кој израснал во Академијата Хајдук и јас го исполнив. Драго ми е што тренерите и соиграчите ми дадоа поддршка и доверба – изјави тој по мечот со Шалке.
На 67 официјални настапи постигна шест гола и запиша 10 асистенции. Годинава ќе остане запаметена и по освоениот Куп, во кој „белите“ во финалето на Пољуд ја совладаа Риека.
Вредноста на трансферот на Биук е 8 милиони евра .