Фудбалската репрезентација на Македонија ќе настапи во бараж полуфиналето за Светското првенство и ќе се судри со Италија. Иако е аутсајдер, селекторот Благоја Милевски нагласи дека Македонија нема да оди на прошетка во Палермо, туку да се надигрува.
На прес-конференцијата по објавувањето на списокот, предводникот на А-тимот меѓу другото се осврна и на составот, отсуствата и ги објасни дел од изборите.
“Адеми е многу подобар, во тренажен процес е и се надевам така ќе остане така. Вклучен е во тимската работа со Динамо и среќен сум поради тоа. Ако се сите добри, јас немам дилема за составот. Недоумица беше само Адеми дали ќе биде спремен за настап.
Јаховиќ е под знак прашалник, има болки во тетивата и очекуваме да добиеме нови информации. Ако не е во можност да се врати, ќе повикаме друг фудбалер. Адис е во натпреварувачки ритам, што не е случај со Несторовски. Сите кои се потенцијални репрезентативци, прво и основно е да биде во ритам. Илија за жал има многу мала минутажа и не е во комбинација за настаp сега, но може да биде понатаму“, смета селекторот.
Милевски првиот собир го закажа за во попладневните часови в недела, двапати ќе се тренира во тренинг центарот при Фудбалската федерација на Македонија, а потоа со чартер лет ќе се отпатува кон Италија.
Дуелот на „Ренцо Барбера“ во Палермо е закажан за 24 март со почеток во 20:45 часот.