Трета година по ред најтрофејниот италијански клуб Јувентус не успева да го мине првиот елиминациски филтер во мултимилионската елита, после елиминациите од Лион во 2020 и од Порто лани, па вечерва во завршните 15 минути, „жолтата подморница“ ги расплака навивачите на „старата дама“ и на великанот му нанесе вистински дебакл. Прво Жерар Морено од пенал на Јувентус ја најави елиминацијата, после прекршопкот на Даниеле Ругани над Кокелан во 76-та минута, потоа шпанскиот репрезентативец Пау Торес со гол по корнер стави печат и го исфрли калчолигашот од ЛШ во 85-та минута, а Данжума во 91-та со втор пенал го запечати големиот триумф на Шпанците.
Јувентус имаше свои шанси, Душан Влаховиќ погоди дирек, Геронимо Рулји одбрани сѐ што шутнаа кон неговиот гол и кога Вилјареал играше подредена улога, еден против напад им донесе пенал, а потоа „старата дама“ комплетно се распадна.
Вилјареал во групната фаза во последното коло ја исфрли Аталанта од осминафиналето, па сега го елиминира и последниот италијански клуб од елитата, откако по групите покрај бергамашите, групата не ја мина ни Милан, а првакот Интер беше елиминиран од Ливерпул минатата недела.
Европскиот првак Челси после лондонските 2-0, вечерва вторпат го победи Лил со 2-1 во реваншот за вкупни 4-1 и продолжување на битката за одбрана на „сребрениот трофеј“.
Кристијан Пулишиќ во третата минута од судиското надополнување ги замолкна Французите, кој влегоа во еуфорија после водството со гол од пенал на Бурак Јилмаз по 38- минути игра, а сите надежи ги урна Сесар Аспиликуета на 20 минути пред крајот.
Вилјареал и Челси се последните два четвртфиналисти, откако таму пласман обезбедија Баерн Минхен, Ливерпул, Реал Мадрид, Бенфика, Манчестер сити и Атлетико Мадрид.