Диего Жота и Роберто Фирмино за седум минути во воведната половина од вториот дел го суредија Арсенал за спектакуларната серија на „црвените“ да продолжи, па ако сѐ изгледаше недостижно за нив пред два месеци, сега бившиот англиски првак дојде ептен близу до недопирливите „граѓани“.
Жота погоди по десет минути игра во вториот дел после додавањето на Тијаго и прекрасната реализација со која го најави триумфот, а потоа Фирмино во 62-та по додавање на Енди Робертсон ја зголеми предноста и со тоа практично ги „откажа“ топчиите, кои после 20 јануари или безмалку два месеци првпат загубија бодови во меч во Премиерлигата.
Победата на Ливерпул сега ги израдува и кандидатите за ЛШ, зашто Манчестер јунајтед е на само бод од „топчиите“, а лондонските ривали Вест Хем и Тотенхем на три бода, но Арсенал има уште два меча за играње во кои ќе бара исчекор кон пласманот во ЛШ.