Андре Онана е херојот на Манчестер Јунајтед на натпреварот против Копенхаген. Голманот конечно покажа зошто е доведен на „Олд Трафорд“ и со бравурозна интервенција го спаси својот тим од дополнителен срам во Лигата на шампионите.

Манчестер Јунајтед водеше со 1-0, но Копенхаген доби шанса за израмнување во 97. минута. Данскиот состав доби пенал, на белата точка се намести Џордан Ларсон, но Онана со одлична интеревенција го скроти ударот и ја сочува многу важната победа на „ѓаволите“.

 

Тимот на Ерик Тен Хаг го забележа првиот триумф во групата А и со три бода ќе патува на возвратниот дуел во Данска.

Манчестер Јунајтед успеа да го совлада ФК Копенхаген со 1-0 и тоа со голот на Мегваер во 72 минута на асистенција на Ериксен. Стоперот не беше единствениот херој затоа што длабоко во судиското продолжение гостите добија пенал, одговорноста ја презема Ларсон, но Онана го прочита неговиот удар за ерупција на „Олд Трафорд“.

Во групата Ц, гостински триумфи остварија Реал Мадрид и Наполи. „Кралевите“ ја добија Брага со 2-1 со головите на Родриго и Белингем, додека италијанскиот првак беше подобар од Унион Берлин со 1-0 со погодокот на Распадори.

Нашиот Елиф Елмас го одигра целото второ полувреме за Наполи.

Доминацијата на гостите ја потврди Арсенал со славје против Севилја, додека Ленс и ПСВ ремизираа играјќи 1-1.