Баерн Минхен го преживеа пеколот во Истанбул, славеше на гостувањето кај Галатасарај со 3-1 и го оствари третиот триумф во Лигата на шампиони (ЛШ), а вечерва три бода освои и Интер кој беше подобар од Салцбург со 2-1.
Турската екипа покажа слабост во одбраната во осмата минута, кога Кингсли Коман без проблеми го матира Муслера за водство од 1-0 на гостите од Минхен. Радоста на Баерн траеше до 30. минута кога Мауро Икарди од пенал со „паненка“ го матира Улрајх за 1-1.
Англискиот голгетер Хари Кејн беше стрелец на вториот гол за Баерн во 73. минута, а потоа Јамал Мусиала ги постави конечните 3-1 и ја донесе третата победа за германскиот гигант.
Баерн има девет бодови на првата позиција во групата А, по што следи Галатасарај со четири.
Милански Интер поведе против Салцбург во 19. минута преку Алексис Санчез, а „нераѕурите“ до крајот на првото полувреме имаа уште неколку шанси, но не беа прецизни.
Казната за промашувањата пристигна на стартот на вториот дел, кога Салцбург израмни на 1-1 со голот на Глух, но набрзо, односно во 64. минута Хакан Чаланоглу од пенал погоди за 2-1.
Гигантот од Милано постигна и трет гол преку Лаутаро Мартинез, но истиот беше поништен од ВАР-технологијата поради офсајд.
Интер е прв во групата Д со седум бодови, односно три повеќе од Реал Сосиедад, по што следи Салцбург со три бода, а Бенфика е без бодови.