УЕФА објави дека нарачала независен извештај за сите случувања околу финалето во ЛШ, а извештајот треба да ги даде одговорите за сѐ што се случуваше во француската престолнина, откако хаосот со англиските навивачи „имаше тенденција да донесе трагедија како Хилсборо“. Илјадници англиски навивачи со влезници останаа без можност да влезат, а имаше такви без билети што успеваа да се пробијат до трибините, па полицијата со употреба и на насилство, сакаше да го исконтролира хаосот, за што се пожалија навивачите на „црвените“, а англискиот клуб побара истрага за сите случувања.
Родригес сега треба да ги собере сите детални информации од сите страни за случувањата и да достави сеопфатен извештај за сите донесени одлуки околу организацијата и безбедноста, одговорноста, но и однесувањето на сите субјекти вклучени во финалето, од организаторите, полицијата, па сѐ до навивачите. УЕФА објави дека за да се гарантира независниот статус, Родригес оваа задача ќе ја изврши на про-боно основа и после собирањето на сите детални информации, целиот извештај ќе биде јавно објавен, а УЕФА врз база на него ќе преземе конкретни чекори.
Инаку Родригес е екс-министер за образование, спорт и млади од 2015 до годинава, беше член на светската анти-допинг агенција од 2019 до 2021 година, како и португалски олимписки аташе за време на ЛОИ во Лондон во 2012 година.
Француските власти веќе објавија дека причина за хаосот била „индустриска измама“, зашто 70 отсто од навивачите кои дошле до капиите на стадионот имале добро фалсификувани билети, кои првиот филтер од безбедносниот периметар го поминале, но потоа заглавиле на влегувањето кога се отчитувале влезниците. Французите одговорноста ја префрлија на англиските навивачи и „непознатиот сторител“ со фалсификати, додека англиските навивачи објавија дека ова е катастрофална организација во која малку фалело да се случи „нов Хилсборо“, алудирајќи на трагедијата од 1989 и смррта на 97 навивачи на Ливерпул поради лоша организација, за која полицијата и властите тогаш ја префрлија сета вина на англиските хулигани.