Вечерва започнува третото коло од Лигата на шампионите, дербито се игра утре во Париз каде ПСЖ ќе го пречека Милан, а од денешните натпревари најатрактивен е дуелот меѓу Севиља и Арсенал.

Нашиот Елиф Елмас го пропушти минатото коло од Серија А поради ситна повреда, но македонскиот фудбалер е подготвен за вечерашниот предизвик, тој е во составот на Наполи кој во Берлин оди на дуел со Унион.

Денот ќе започне со натпревари на Баерн Минхен и Интер. Баварците гостуваат во Истанбул кај Галатасарај, а нероазурите го пречекуваат Салцбург.

Дербито на денот е во Севиља каде актуелниот освојувач на Лига Европа е домаќин на Арсенал.

Манчестер јунајтед на Олд Трафорд против ФК Копенхаген ќе ги бара првите бодови, а Реал Мадрид гостува кај Брага. Денес се и дуелите Бенфика – Реал Сосиедад и Ленс – ПСВ.

Дербито на колото е утре, дуелот меѓу ПСЖ и Милан, а атрактивен ќе биде и вториот натпревар од оваа група мечот меѓу Њукасл и Борусија Дортмунд.

Шампионот на нашиот северен сосед, Црвена звезда гостува кај Лајпциг, а Манчестер Сити ќе истрча како голем фаворит на теренот на Јанг Бојс.

Утре се играат и натпреварите Селтик – Атлетико Мадрид, Антверпен – Порто, Феенорд – Лацио и Барселона – Шахтар.