Откако почна со задоцнување од скоро 20 минути, мечот кој се одигра пред празни трибини на стадионот „Велодром“ во Марсеј му припадна на Олимпик со пресврт.
Францускиот вицепрвак беше шокиран уште во 1. минута на мечот, кога Тринкао успеа да искористи шанса и да го доведе Спортинг (Л) во водство од 1:0. Одличните настапи на Португалците во првите две кола со овој гол беа надополнети, но се падна во вода по една очајна реакција на капитенот и голман на гостите Адан, кој исфрлувајќи топка од својот шеснаесетник го погоди Алексис Санчез кој постави нога и топката влезе во мрежата на гостите за 1:1 во 13. минута.
Три минути подоцна со голот на Харит домашните веќе минаа во водство од 2:1, а Адан направи уште една глупост во 23. минута и доби црвен картон, оставајќи ги своите соиграчи со играч помалку до крајот на мечот.
Французите тоа го искористија и со головите на Балерди (28’) и Мбемба (84’) го запечатија триумфот број еден во групата.