Дарко Чурлинов го комплетираше трансферот во Барнли и веќе се стави на располагање на тренерот Винсент Компани. Македонскиот репрезентативец направи трансфер од Штутгарт во вториот ранг на англискиот фудбал, што ќе биде нов предизвик за него.
Чемпионшип лигата ќе биде петта во која Чурлинов ќе заигра професионален фудбал. Крилото досега имаше само германски искуства, за три клуба настапуваше во сениорските категории и заигра во четири лиги. Бундеслигата беше неговиот врв, дебитираше со Келн, а потоа играше и со Штутгарт. Одлични настапи имаше и во Цвајте, каде што му помогна на Шалке 04 да се врати во елитата минатата сезона.
Како член на Келн и Штутгарт, Чурлинов настапуваше во ниските лиги, во вторите екипи во Регионаллига Запад и Оберлига Баден-Вуртемберг. Откако веројатно не ја доби целосната шанса да се докаже во Штутгарт во Бундеслигата, Чурлинов тргна во нов предизвик и силната Чемпионшип лига.
Македонецот веќе тренираше со соиграчите вчера, сите административни работи се завршени и Винсент Компани може да го повика за натпреварот против Блекпул денес.