Селекторот на шведската фудбалска репрезентација, Јане Андерсон, го објави списокот на кандидати за полуфиналето против Чешка во дополнителните квалификации за СП 2022, на кој е и Златан Ибрахимовиќ.
Шведска на 24 март во Солна ќе игра против Чешка, а победникот од тој меч на 29 март ќе игра против Полска за пласман на Светското првенство. Полска се пласираше во финалето на „баражот“ по исфрлањето на Русија поради воена интервенција во Украина.
Андерсон повика 25 играчи, а на списокот е напаѓачот на Милан Златан Ибрахимовиќ.
“Тој имаше неколку повреди, но се враќа. Мислам дека не може да го одигра целиот натпревар, но сака да биде дел од нашиот тим. Со своите квалитети на и надвор од теренот може да ни помогне”, изјави шведскиот селектор.
„Чешка е добро организирана репрезентација, физички е добра. Во репрезентацијата има играчи кои играат на високо ниво во Европа. Ќе биде вистинска борба и ќе направиме се за да го добиеме натпреварот“,додаде тој .
Ибрахимовиќ е водечки стрелец на шведската репрезентација со 62 гола, додека по бројот на настапи (120) е на шестото место. Андерс Свенсон е рекордер со 148 настапи во дресот на Шведска.