На репрезентацијата на Еквадор и се заканува исфрлање од Светското првенство поради контроверзниор извод на Бајрон Кастиљо (26).
Десниот бек е во центарот на најголемата афера во пресрет на Светското првенство во Катар кое почнува за два месеци.
Англискиот „Дејли мејл“ објави документи и аудио снимки кои потврдуваат дека Кастиљо признал дека ја фалсификувал својата националност.
Кастиљо наводно е Колумбиец, па немал право да игра за Еквадор во квалификациите за Светското првенство, но тоа го направил со фалсификување документи.
Споменатиот извор ги објави оригиналните изводи од раѓање и крштевање на Кастиљо, во кои стои дека е роден во Колумбија и дека има колумбиско државјанство.
На снимката направена во 2018 година, Кастиљо во разговор со висок функционер на еквадорската фудбалска асоцијација вели дека користи фалсификувани документи кои му дозволуваат да игра за Еквадор како Колумбиец роден во таа земја и открива кој му помогнал да ги лажира документите.
Кастиљо признава дека не е роден во 1998 година во Еквадор, како што лажно тврди дека е, туку три години претходно во Колумбија како Бајрон Дејвид Кастиљо Сегура.
Тој открива дека го напуштил колумбискиот град Тумако за да замине во еквадорскиот Сан Лоренцо за да се обиде да продолжи со фудбалската кариера.
Кастиљо признава дека Марко Самбрано, еквадорски претприемач и сопственик на клубот Норте Америка, му помогнал да ги среди лажните документи.
„Марко ми кажа дека ќе ми помогне со ова“, се слуша како Кастиљо вели на снимката.
Пред четири месеци Чиле го обвини Еквадор дека го фалсификувал изводот од матичната книга на родените на Кастиљо и побара Еквадор да биде исфрлен од Светското првенство во Катар и Чиле да го заземе неговото место.
По кратката истрага во јуни, ФИФА објави дека ја завршила процедурата и не констатирала неправилности и потврди дека Еквадор ќе учествува на Светското првенство.
Сепак, Чиле ја обжали одлуката, а нови докази против Еквадор и Кастиљо, се појавија неколку дена пред состанокот на Комитетот за жалби на ФИФА.
Весникот „Мејл“ пишува дека земањето во предвид на овие докази може да резултира со исфрлање на Еквадор од Светското првенство и неговото место да му припадне на Чиле.
За скандалот да биде уште поголем, Еквадор требаше да го отвори Светското првенство со меч против домаќинот Катар, во групата во која се и Холандија и Сенегал.
Чилеанците оваа пролет тврдеа дека Кастиљо со помош на еквадорските власти и локалниот ФС ги фалсификувал сите документи и дека всушност тој воопшто не е Еквадорец.
Адвокатот на чилеанското здружение тврдеше дека Кастиљо е роден во Колумбија, дека воопшто нема отпечатоци од него во еквадорските регистри и дека не смее да игра за Еквадор.
„Родителите на Бајрон Кастиљо се родени во Тумако, Колумбија, Бајрон е роден во Тумако и таму се крстил. Нема докази дека тој има некаква врска со Еквадор и доказите се многу јасни“, рече Едуардо Карлезо, кој го претставува ФС Чиле.
По откривањето на новите документи и видеото од признанието на Кастиљо, ФИФА би можела да го казни Еквадор, така што на сите квалификациски натпревари на кои играл Кастиљо да бидат регистрирани со резултат од 3:0 за противниците.
Во јужноамериканските квалификации, Еквадор заврши четврти, Перу петти, Колумбија шеста и Чиле седми.
Доколку натпреварите во кои играше Кастиљо се регистрирааат со 3:0 за противниците, на СП ќе оди Чиле.
Имено, Кастиљо не играше на ниту еден дуел против Перу и Колумбија, но на двата против Чиле, кој во тој случај ќе добие нови шест бода, две победи од 3:0 и ќе „скокне“ на четвртото место.
Перу повторно би бил на позиција за интерконтиненталниот плејоф (поразен од Австралија), а Еквадор би завршил на последното место.
Иако се шпекулираше дека Италија ни крива ни должна за ваквиот исход може да се најде на Мундијалот, јужноамерикански извори тврдат дека тоа нема да се случи.
Имено, доколку ФИФА навистина реши да му одземе бодови на Еквадор, нејзиното место во Катар би можело да го заземе само репрезентација на КОНМЕБОЛ.
Освен ако ФИФА не одлучи тоа место да и го додели на репрезентацијата со најдобра позиција на рангирањето која не се квалификуваше за Катар, а тоа е Италија.
На потег е ФИФА, која се уште не ги коментираше наводите на Дејли Мејл.