Натпреварот против Романија може да биде пресвртница во кариерата на Филип Талески. Нашиот лев бек одигра лидерски, преземаше одговорност, на моменти делуваше и застрашувачки за противникот. Така, во една комплетна партија името на ракометарот на Вардар 1961 беше скандирано од гледалиштето и потенцирано од критичарите и новинарите како клучен човек во победата од 30-22.
Сепак, Талески го потенцира прогресот на тимот и секогаш верува во колективот пред поединецот.
„Натпреварот беше навистина посебен за сите нас, по подолго време и навивачите се вратија на трибините, така што беше уживање да се игра во полна сала. Знаеме дека Македонија ја краси одлична публика и тоа се потврди и на тој вчерашен натпревар против Романија. Тактички одигравме речиси како што бевме договорени, нормално дека имаше одредени грешки, но секој од играчите си ја исполни задачата. Знаевме што да очекуваме, селекторот нè предупреди и ни кажа дека е важно добро да отвориме, но и дека мечот ќе го добиеме од 45. До 60. минута, што навистина и се случи.
Среќни сме, но работата не е завршена. Знаеме дека утре во Букурешт пред нас е многу потежок натпревар од оној во Скопје. Не треба да одиме да ја браниме предноста, туку да победиме. Романците ќе се обидат да направат големо изненадување, но ние не треба да потклекнеме, туку она што ќе го договориме да го оствариме на терен. Мислам дека можеби ќе се обидат да изненадат со некоја друга одбранбена зона, можеби со фластер на Кире Лазаров, но во нападот не гледам како би изненадиле, бидејќи тоа се акциите што ги играа, што ги анализиравме и ги видовме и на првиот натпревар во Скопје.
После две и пол години, ова чудо што се случува низ светот, нас нè краси публиката и едвај чекав да заиграм пред полни трибини. Уште кога беше најавувањето пред почетокот на мечот, пред сите оние верни фанови, еве и сега додека зборувам се ежам, бидејќи атмосферата во таа преполна сала беше фантастична. Мислам дека и луѓето очекуваа да се вратат во сала и да ни дадат поддршка. Ние само им возвративме на најдобар можен начин, со квалитетна игра на терен и убедлива победа. За мене секогаш важело дека тимот е тој што победува, не е важно кој во моментот бил најдобар или најлош, се гледа да се радуваме на крајот“, смета Талевски.
Синоќа во СЦ „Борис Трајковски“, Романците немаа решение за крушевчанецот, кој со десет гола беше играч на натпреварот и нерешлива енигма за одбраната на Хавиер Пасквал.