Македонскиот ракометен шампион Вардар е пред последниот овогодишен предизвик во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ по одличниот старт на сезоната во европската елита , во последниот период е во сериозна резултатска криза, од која очекуваат да излезат в среда, на гостувањето кај ППД Загреб.
Хрватскиот репрезентативец, Анте Гаџа, кој поради стомачен вирус не настапи против Кил се враќа во стројот на Веселин Вујовиќ, и сака со полн плен да се вратат од Загреб.
„Ова е последниот меч за Вардар во Лигата на шампионите оваа година. Затоа сите посакуваме одличен дуел и во Скопје да се вратиме со добро расположение. Загреб ја подигна својата форма, во последниот период собра многу бодови и затоа треба да бидеме доста сконцентрирани на овој меч. Знаеме дека нивната одбрана е доста цврста и знае да направи проблеми секому, но наше е да одиграме како што најдобро знаеме“, вели Гаџа.
Дуелот меѓу ППД Загреб и Вардар се игра в среда со почеток од 20:45 часот.