Предноста од осум гола ни дозволи да се помириме со фактот што натпреварот во салата на Динамо Букурешт не беше привлечен за гледање, имаше многу грешки и на двете страни, а со тоа и малку голови и малку шанси за градење разлика.
Македонија прва ги презеде работите во свои раце, користејќи ја брзоплетоста на Романците, па поведе со 5-2 во 10. минута. Највисоките плус три ги повтори и на шест минути до паузата, кога имаше 10-7, но во истиот период од мечот кога направи серија во Скопје, овој пат влезе во криза и им дозволи на праотивниците да изедначат на 12-12 на големиот одмор.
Проблем беше нашиот напад, кој не течеше како во четвртокот во „Борис Трајковски“. Романците излегуваа повисоко на нашата бековска линија, многу често со зона 5-1 и ѝ создаваа проблеми во креирањето акции. Вториот дел го почнаа со блага предност, а најтешкиот период од нашата игра настапи од 38. до 46. минута, кога немавме гол неполни осум минути. Сепак, Романците поведоа само со 19-16, по што Македонија успеа да се врати и да ги донесе работите на „нула“, 21-21 на четири минути до крајот.
И пред ова беше јасно дека црвено-жолтите се победниците во овој двомеч, но остана жалењето по прв триумф во Романија, во третото гостување, по Орадеа 1997 и Клуж 2018. Кире Лазаров не ги остави работите на случајноста и го одигра цел меч, често и во одбрана, па се истакна како прв стрелец, со шест гола. Кузмановски постигна два, а голем беше придонесот на Мартин Томовски со девет одбрани. Кај Романците, натурализираниот Шпанец, Хавиер Умет предводеше со седум одбрани.
Ова значи дека Макеоднија се пласира во второто коло од плејофот, против Чешка, на 13 април на гости и на 16 во Скопје. Победникот од тој двомеч ќе игра на СП 2023, кое би било осмо за нашата репрезнетација.