Македонија одигра полошо отколку против Франција (29-39), каде што бевме рамноправен противник во поголем дел од првото полувреме, неколку пати водевме, а дури на крајот му дозволивме на ривалот да дојде до двоцифрен триумф. Германците брзо дојдоа до плус три (5-2) и навестија дека нема да дозволат изненадување во преполната „Мерцедес Бенц арена“ во Берлин. Германското водство постепено се зголемуваше, а точка на средбата беше ставена со нивните три гола по ред на стартот од второто полувреме за осум гола разлика (21-13).
Домаќинот потоа почна по малку и да експериментира, па нашите ракометари го искористија тоа и дојдоа на минус пет (18-23). „Панцерите“ повторно уфрлија во петта брзина и во последните десет минути влегоа со највисоки плус девет (20-29) како потврда на големата разлика во класи помеѓу двете селекции.
Ненад Костески со шест гола беше најефикасен во нашиот состав, додека Жарко Пешевски и Томислав Јагуриновски реализираа по четири голови. Јури Кнор со 12 гола беше убедливо најпрецизен кај Германците.
Македонија последниот натпревар на ЕП 2024 ќе го одигра во вторник против Швајцарија (18 часот) исто така во Берлин. За нас тоа ќе биде обид да одиграме за сопствената чест бидејќи со овој пораз и официјално испаднавме од игра за втората рунда, додека противникот ќе брка триумф и тоа со што е можно поголема разлика за потоа да чека пораз на Французите во пресметката со Германија.