Задоволството кај најтрофејниот шпански клуб е уште поголемо поради тоа што првпат по 2017 година, титулата во ова натпреварување ја освојува по дуел против најголемиот ривал Барселона. Во финалниот дуел, Реал триумфираше со 4-1 и полесно излезе на крај со Барселона, отколку со Атлетико во полуфиналето пред четири дена кога му беа потребни 120 минути за да дојде до победата.
До големата победа, Реал дојде благодарение на своите бразилски вонсериски напаѓачи Винисиус Жуниор и Родриго кои ги постигнаа сите четири гола. Во првото полувреме блескаше Винисиус кој реализира хет-трик, а точка стави Родриго во 64. минута. Во меѓувреме Левандовски постигна прекрасен гол за 1-2, колку да ја врати надежта, но тоа ни оддалеку не беше доволно за кам-бек.
Ова е одличен старт на годината за Реал Мадрид. Кралскиот клуб сега е фокусиран на домашната Примера, како и на настапите во Купот на Кралот и на Лигата на шампионите каде се посакуваат трофеите. Мисија на Анчелоти е да дојде до сите одличја оваа сезона, но се работи за доста тешка задача затоа што конкуренцијата е голема.
И покрај поразот, Барселона останува најтрофејна во Суперкупот на Шпанија со 14 титули, но алармантно е тоа што каталонскиот клуб се наоѓа во серија од три порази во дуелите со Реал Мадрид со вкупна гол-разлика 2-10.