Димитриевски на почетокот на годинава не бранеше во првата пресметка на Рајо со првакот, која неговиот тим ја загуби со 0-2, а денеска се очекува да биде на голот, откако во минатото коло практично ја откажа Севилја од шампионската трка со низа интервенции во ремито 1-1.
Македонскиот голман порача дека тоа што против себе ќе го има најскапото засилување на Атлетико во историјата, Жоао Феликс и извонредниот Гризман, воопшто не го плаши, туку само го мотивира.
„Воопшто не ме плашат Жоао Феликс и Гризман, напротив, ме мотивираат да не примам гол и да имам – чиста мрежа! И двајцата се фантастични фудбалери, топ-играчи во моментов и посебно е чувството да играте против нив. И голема е наградата ако успеете да останете несовладан, а на својот тим да му донесете барем бод“, вели Димитриевски.
Нашиот прв голман кој имаше само четири настапи во скоро два месеци од почеток на годинава, се врати во првиот тим на последните средби, а сега шампионот доаѓа со серија од четири победи. Рајо сѐ уште нема триумф во оваа 2022 година и првиот бод го освои со Севилја.