Карим Бензема нема да игра на неделното Ел Класико, јавуваат шпанските медиуми. Напаѓачот на Реал Мадрид во понеделникот на натпреварот против Мајорка почувствува проблеми со мускулите и не успеа да се опорави. Тој ова утро не тренираше со тимот, па Карло Анчелоти нема да може да смета на него во најголемото шпанско дерби.
Тоа е голем удар за Мадрид, а италијанскиот стратег сега мора да најде начин да го замени својот главен играч во нападот. Тој сезонава не им даде многу шанси на класичните напаѓачи Лука Јовиќ и Маријан Дијаз, па веројатно едно од крилата ќе биде на најистурената позиција – Асенсио, Родриго, Азар или Бејл.
Од друга страна, одбраната на Барселона сега сигурно ќе здивне бидејќи Бензема се истакнува во сите натпреварувања. Тој е убедливо најдобар стрелец во шпанското првенство со 22 гола, а со 11 асистенции е најдобар и во тој сегмент.