Словенечката скијачка Андреја Слокар е победник на слаломот што во рамките на Светскиот куп се возеше во Мерибел, Франција.
Слокар до втората сезонска победа стигна со резултат 1:36,54 минути, благодарение на одличното второ возење.
Второто место го освои Германката Лена Дир, која беше побавна за 0,48 секунди.
Петра Влхова од Словачка се искачи на третото скалило на победничкиот подиум, а од претходно го обезбеди Малиот Кристален глобус во слалом. Влхова заостана 0,81 секунда зад победничката.
Шампионката од Светскиот куп, Американката Микаела Шифрин, денешната трка ја заврши на осмото место.
Шифрин е прва во генералниот пласман на Светскиот куп со 1.457 бодови, додека Влхова има 1.249. Во поредокот за слалом Влхова има 770 бодови, а Шифрин 501.
Во недела скијачките во Мерибел ќе возат велеслалом.