Римското дерби ѝ припадна на Рома со 3-0 против Лацио, откако сите три погодоци беа постигнати во првото полувреме. Со новите бодови тимот на Жозе Мурињо останува во битка за позициите кои водат во европските натпреварувања следната сезона.
Тами Абрахам се најде на вистинско место во првата минута од мечот и ги матираше „небесно-сините“ за водство од 1-0, а Англичанецот повторно беше успешен пред голот на Лацио во 22. минута, кога искористи додавање од Рик Карсдорп.
Лоренцо Пелегрини од слободен удар испрати вистинско торпедо кон голот на Лацио и целосно ги уништи ривалите, а притоа обезбеди голема победа за Рома (3-0).
Рома има 51 бод на петтата позиција во шампионатот, односно два повеќе од Лацио и дури осум помалку од Јувентус кој се наоѓа на четвртото место.