Македонските фудбалски репрезентативци се спремаат за најважниот натпревар во нивните кариер. Судбоносните 90 мин. со Италија ќе дојдат за час, и дотогаш има време да се подготви некаква против-игра. Енис Барди смета дека важно е нашето издание, не на европскиот шампион.
Не треба дополнителна мотивација за меч кој може да ја крене Македонија на ново ниво на светската фудбалска карта.
„Мислам дека е многу важен овој натпревар и многу тешко ќе ни биде но ние едвај го очекуваме овој предизвик. Ќе биде еден од најважните натпревари кои можеме да ги одиграме во кариерите и затоа мора да бидеме стопроцентно концентрирани во секој момент од играта “, вели Барди.
Италија со киксот во групната фаза уште еднаш покажа дека фудбалот не признава ни круни, ни титули. Затоа ќе пружи и повеќе од својот максимум за да не доживее уште еден дебакл, како отсуството од Мундијалот пред четири години, во Русија.
„Во денешниот фудбал нема фаворит. Ние покажавме многу пати дека можеме да победиме секого и затоа важно е како ние ќе изгледаме. Нормално тие имаат добра селекција и се прваци на Европа, но и покрај тоа мислам дека треба да се концентрираме на нашата игра. Иако ни фалат Елиф, Тихо и други играчи, но ќе играме и за нив“, дополни креативецот на Леванте, од кого ќе се чека двојно повеќе, поради суспензијата на Елмас и повредата на Костадинов.
Тој не беше дел од онаа селекција на Македонија, која одигра 1-1 во Торино во 2017, но затоа знае како е да се победи еден фудбалски гигант и оттука најави дека може да пресуди секоја нијанса.
„Мислам дека многу детали ќе го решат овој натпревар, секоја топка и секоја секунда. Исто така треба да одиграме и психолошки, ако тие не ризикуваат во првите 15-20 минути, треба да го искористиме тоа и да ги фати нервоза“, додава Барди.