Екипата на Манчестер Јунајтед дојде до победа кај Вулверхемптон и ја забележа втората радост по три одиграни кола во англиската фудбалска елита. Дуелот изобилуваше со шанси, но љубителите на фудбалот мораа да се задоволат само со еден погодок.
„Ѓаволите“ до посакуваниот резултат дојдоа во второто полувреме. Имаа добри прилики и двата тима, воедно и еден поништен гол на Бруно Фернандез, а погодокот вреден три бода се чекаше дури до 80. минута од натпреварот.
Човек на одлука беше младиот Мејсон Гринвуд. 19-годишниот англиски репрезентативец даде гол на четврти натпревар по ред. Напаѓачот се најде во казнениот простор и откако доби топка од Варан, лесно ја стресе мрежата на Хозе Са.
Манчестер Јунајтед во следното коло го чека натпревар против Њукасл на кој треба да дебитира новото засилување Кристијано Роналдо. Вулвс со три порази на три меча ќе гостува кај повратникот Вотфорд.