Елиф Елмас го постигна шестиот гол сезонава во Серија А, во победата над Кремонезе со 3-0, и е трет најдобар стрелец на Наполи, после Виктор Осимен (17) и грузиецот Кварацхелија (9).
Елмас и сезонава е вистински „џокер“ на Спалети, влегува во игра најчесто од клупата.Во 21 одигран натпревар, само шестпати беше стартер, а од нив само половина одигра во сите 90 минути. Елмас има 833 одиграни минути, па според ефектот и според позицијата – шесте гола ги надминуваат очекувањата.
Во просек, значи дека Елмас на секои три полувремиња дава по еден гол, односно 138,8 минути му е просекот за давање гол, а просекот на минутажа на настапите му е помалку од полувреме, нецели 40 минути (29,6). И ако се додаде дека на шесте гола има и асистенција, учествувал во седум гола на 21 меч или, на секој трет меч бил клучен за погодок.
Од Елмас, многу поефективен е Виктор Осимен, кој има просек според минутажа по еден гол на 89 минути, а даде 17 досега сезонава во 18 настапи и е главен фаворит за „златната копачка“. Кварацхелија има просек многу полош од Елмас според одиграните минути, со гол на секои 166 минути.
Џовани Симеоне е убедлив, ама има едвај 170 минути во Серија А, па затоа и трите гола му доаѓаат некаде во просек на гол на секои 57 минути. И оваа минутажа на Симеоне не е изненадувачка, кога е замена на Осимен, а Нигериецот блеска, па не е ни чудо што Елмас кој повеќе е задолжен и за креација и за цврстина и агресивност во средина е поефикасен по број на голови и тоа за двојно од Аргентинецот.