Македонскиот ракометен вицешампион E.Пелистер ги заврши настапите во СЕХА лигата, откако го загуби и вториот натпревар од белорускиот гигант Мешков Брест(35-31). Битолчани по поразот на свој терен, денес се надеваа на чудо против редовниот учесник во Лигата на шампионите, но домаќинот одново покажа квалитет и заслужено патува во завршницата на регионалното натпреварување.
Микита Ваилупау беше кобен за одбраната на Жељко Бабиќ, постигна 11 гола од исто толку обиди. На другата страна Обрадовиќ и Мандалиниќ имаа по пет погодоци.
Ракометарите на Е.Пелистер добро го почнаа мечот, се држеа до 10. минута (5-5), по која домаќинот со серија од 5-0 поведе со 10-5. Најголемата позитива на Мешков во овој период изнесуваше осум гола (16-8), на одморот беше 18-14.
Избраниците на Жељко Бабиќ дојдоа на минус два (19-17 и 20-18), на другата страна Мешков не дозволуваше овој дуел да влезе во неизвесна завршница, искусно го одржуваше водството за победа и на домашен терен.