Македонија ја чека пресметка со европскиот шампион Италија во полуфиналето од мундијалскиот бараж, но освен што ќе мора да играме против извонредната генерација на „аѕурите“ и суперѕвездите како Џиџо Донарума, Марко Верати, Жоргињо, Николо Барела, Лоренцо Инсиње, Чиро Имобиле…, против себе ќе имаме една многу силна традиција во срцето на Сицилија, зашто од 15 меча во историјата, „аѕурите“ успеале само еднаш да загубат, а уште еднаш да не победат (реми) и севкупно примиле – осум гола!
Колку е Палермо таличен за Италија открива традицијата започната уште во далечната 1952 година, кога првпат Италија на Сицилија одигра меч и ја победи Швајцарија. Оттогаш во 15 меча има 13 победи, последната е најубедлива против Ерменија во 2019 година со 9-1, а единствени кои успеале да ги расплакаат „аѕурите“ се – Хрватите.
Првата генерација на „коцкестите“ го освои Палермо во 1994 година, пред 28 години, во квалификациите за Евро 1996 во Англија, кога Хрватска победи со 2-1 за свое прво учество на големите натпреварувања, а две години по четвртфиналето на ЕП, генерацијата со Шукер, Бобан, Просинечки, Ладиќ, Биќиќ, Јарни и останатите дојде до бронза на Мундијалот во Франција.
Од тој меч на Хрватска во Палермо, Италија нема загубено веќе 11 меча по ред, а само Чешка во пријателски меч пред 18 години, во 2004 година, успеа да остане непоразена ро реми 2-2 и Чесите се единствени заедно со Хрватска кои успеале во Палермо да дадат повеќе од еден гол.
Македонија секако ја чека тешка задача, но во фудбалот ништо не е невозможно, оваа генерација веќе направи едно чудо, па вечерва ќе атакува на ново – уште поголемо!