Ако некој знае како да ѝ се спротистави на Италија, тоа е Игор Анѓеловски. Поранешниот македонски селектор со своите избраници имаа два одлични натпревари со светскиот гигант во квалификациите за СП во Русија, а сега судбината пак ги спои овие две селекции во битка за пласман на Мундијалот во Катар.
Во пресрет на натпреварот во Палермо, популарниот Мрме испрати поддршка до своите поранешни „соборци“ и им посака успех против четирикратниот светски шампион.
„Пред вечерашниот натпревар со Италија четирикратен светски и актуелниот Европски шампион. Сакам да ви посакам среќа за уште еден успех. Влогот е огромен и за Македонија и за Италија. Покажавте во Торино пред многу години дека го можете тоа. НАВИВАМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!”, напиша Ангеловски на социјалните мрежи.
Македонија под водство на Ангеловски во 2017 во Торино одигра 1-1, додека претходно во Скопје несреќно загубивме со голот на Имобиле во 92. минута.