Македонија ги издржа сите налети на Италија, на „италијански начин“ со тотално катеначо сѐ одбрани и кога сите чекаа дополнителни 30 минути, следеше шок со брилјантен гол на Трајковски од 20 метри.
После три години Трајковски се врати во Палермо, каде ги доживеа најубавите моменти, а како и во октомври 2017 година, повторно беше јунакот. Тогаш даде гол за ремито 1-1 за да почне македонската ренесанса, а вечерва погоди за невидена победа после херојска дефанзива и издржани 90- минутен пекол од безбројните напади на Италијанците, кои не знаеа како да ни дадат гол.
Македонија ја победи Италија на италијански начин. Се бранеше, ги трошеше „аѕурите“, ги нервираше и кога се чекаше барем продолженија, дојде студениот туш. Италија после СП во Русија во 2018 година, ќе го пропушти и ова СП во 2022 во Катар, што на Апенините е – трагедија.
Македонија, пак, за мундијалска виза ќе се бори со Португалија во Порто за пет дена!