Еден од главните креативци на Италија, Марко Верати, не можеше да најде зборови за да објасни што се случи во натпреварот во Палермо, кој Македонија го доби со 1-0.

Играчот за врска за „РАИ“ изјави дека овој пораз е тешко да се објасни, со оглед на супериорноста што ја имаше Италија.

„Тешко е да се разбере што се случи. Доминиравме на овој меч и требаше да победиме. Мораше да победиме. Мораше да постигнеме гол рано и да го затвориме натпреварот, бидејќи бевме супериорни и можевме подобро од ова. Многу е тешко да се објасни. Ова е кошмар.“, рече Верати.

Неговата Италија падна во амбисот како актуелен европски шампион, а веројатно со фудбалерите и новата, модерна игра има квалитет да се надева и на светска титула, но…

„Гледајќи низ соблекувалната, гледам фудбалери кои се способни да играат за пехарот на СП, но еве нè, зборуваме за катастрофа. Многу е тешко. Сега мора да си поставиме некои прашање. Секако дека немавме среќа, но некогаш сами треба да си ја создадете среќата“, додаде Верати.