Александар Трајковски беше човек на одлука во Палермо и донесе нова историска победа за Македонија, овој пат на гостувањето кај Италија (0-1) во рамки на баражот за Светското првенство (СП) кое во 2022 година ќе се игра во Катар.
Добропознато е дека „Ренцо Барбера“ долги години беше „домот“ на Александар Трајковски. Крилниот играч го носеше дресот на Палермо, во кој ги забележа најголемите успеси во клупската кариера.
Тој е голем миленик на градот, навивачите го испочитуваа неговиот кам-бек на „чизмата“, ама мораше да се помират со фактот дека тој исто им го загорчи животот и ги остави без втор Мундијал во низа.
По натпреварот, Александар Трајковски си ја зеде топката со која го постигна златниот гол, како дел од својата колекција за фудбалска историја. За Македонија следи враќање во Скопје, а потоа доаѓа дуелот со Португалија во вторник кој ќе го даде патникот на СП 2022.