Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје се препоти, но успеа да слави над Борац Бања Лука (80-73) во рамки на дванаесеттата рунда во АБА-2 лигата и така „штрковите“ останаа меѓу најдобрите екипи на табелата во шампионатот.
Борац предводен од тренерот Драган Николиќ, инаку екс-стратег на Карпош Соколо, имаше контрола на натпреварот и константно водство, се до последниот период кога се распадна кога даде само три поени во период од седум минути, а МЗТ Скопје немилосрдно го полнеше кошот на противникот.
Пресвртот на натпреварот во „балонот“ во Широки Бријег се случи кога од 60-67, македонскиот претставник на Петровиќ замина на 77-70 со феноменална серија која го шокира ривалот. Автори на пресвртот беа Војдан Стојановски и Роберт Рикиќ кои постигнаа повеќе од половина поени во серијата од 17-3. Потоа беше полесно да се игра и да се приведе мечот кон посакуваната победа.
Најдобар на натпреварот беше Војдан Стојановски со 25 поени, поддршка му беше Рикиќ со 17 поени, додека Мекиќ заврши со 11 поени. Кај Борац, Болдвин постигна 16 поени, додека Сесиља реализира 14 поени.
МЗТ Скопје, благодарение на оваа значајна победа, ќе го заврши основниот дел од АБА2 лигата како лидер на табелата.