Репрезентацијата на Словенија во скијачки скокови убедливо триумфираше во екипниот дел од финалето на Светскиот куп во Планица.
Жига Јелар, Петер Превц, Тими Зајц и Анже Ланишек доминираа на скоковите на домашен терен и пред дури 20.000 навивачи триумфираа. По првата серија имаа нешто повеќе од 15 поени предност пред втората Норвешка, а во втората серија Словенците дополнително ја зголемија предноста.
Словенија на крајот оствари учинок од 1601,1 поени, односно 24 повеќе од второпласираните норвешки претставници (1576,9 поени). За Норвешка скокаа Линдвик, Хегли, Форфанг и Гранеруд.
Третото место го освоија Австријците Хајбоек, Цофениг, Фетнер и Крафт (1544,2), а четвртото Полјаците Зила, Кубачки, Волни и Штох (1522,2). Рангирањето го комплетираа петтата Германија, шестата Јапонија, седмата Финска и осмата Швајцарија.
Во недела во Планица завршува сезоната на Светското куп. Прв во поредокот е Јапонецот Риоју Кобајаши со 1.589 бодови, додека на второто место е Германецот Карл Гајгер со 1.500 бодови.