Фудбалската репрезентација на Македонија утре во Порто ќе го одигра најважниот натпревар во својата историја. На стадионот „Драгао“ го играат последниот плеј-оф натпревар за Светското првенство во Катар, кое ќе се игра на крајот на оваа година.
Селекторот Благојa Милевски истакнува дека неговите избраници дошле да ја победат Португалија и да заминат во Катар.
„Не треба да трошиме зборови за квалитетот на Португалија. Сите тие се одлични играчи и не би издвоил никого. Сепак, не дојдовме овде како туристи, туку да уживаме во моментот и секако да победиме“, изјави Милевски. додавајќи:
„Никој во светот не очекуваше дека Македонија ќе биде во плеј-офот и на чекор од Мундијалот. Мали сме во споредба со другите, но уживаме во овие моменти. Подготвени сме. Очекуваме да уживаме и да победиме. Нема дилема околу почетниот состав, но оваа средба ќе биде различна од онаа со Италија. Кој ќе оди во Катар? Ќе ви кажам утре“.